Прочуениот голман на сплитски Хајдук, Црвена и звезда и репрезентацијата на Југославија, Владимир Беара е хоспитализиран во болницата во Сплит, откако му се слошило во неговиот дом, јавува „Макфакс“.

Весникот „Слободна Далмација“ пренесе дека причината за лекарската интервенција била од невролошка природа.

Беара и во 84-та година од животот не мирувал, во последно време бил редовен на тренинзите на Хајдук каде со совети им помагал на младите голмани да се усовршат во работата, во која тој, во свое време беше ненадминлив.

Легендата на поранешна СФРЈ бранеше на 136 натпревари за Хајдук, пред во 1955 година да се пресели во Црвена звезда чиј гол го бранел на 83 натпревари. Кариерата потоа ја продолжил во Германија во екипите на Алеманија Ахен и Викторија од Келн.

За репрезентацијата на СФРЈ бранел на 60 натпревари, во поранешна Југославија освоил седум шампионски титули, три со Хајдук и четири со Црвена звезда. Беара е учесник на три светски првенства, 1950 во Бразил, 1954 во Швајцарија и 1958 во Шведска, а со репрезентацијата стигна и до финалето на ОИ во Хелсинки во 1952 година, каде Југославија и покрај тоа што Беара му одбрани пенал на легендарниот Пушкаш, загуби од Унгарија со 0:2.

OhridNews
извор: „Макфакс“