Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ, го обнови своето барање за измена на Правилникот за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет, со цел зголемување на бројот на туристи од соседните држави, кој во изминатите две години бележи опаѓање. На прес конференција што се одржа во х. „Дрим“ во Струга, ХОТАМ изнесе предлог за субвенционирање на тур-операторите кои ќе реализираат аранжмани во Македонија со чартер авиони во висина од 45 евра по турист, согласно утврдените критериуми за субвенционирање.
ХОТАМ предлага измените во Правилникот за субвенционирање на туристи да се однесуваат на следните земји: Австрија, Чешка, Словачка, Полска, Романија,Турција, Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Бугарија и Грција, и тоа за гости кои ќе престојуваат минимум 7 дена во Македонија. Од ХОТАМ појаснуваат дека дополнителната субвенција од 45 евра ќе придонесе да се мотивираат странските тур-оператори да воведат чартер линии кон Македонија, од дестинации од каде сега се организираат автобуски тури, со што во многу би се скратило патувањето.
-Ова барање го поднесуваме бидејќи во последните две години има намалување на бројот на туристи од опкружувањето. На овој начин сакаме да им помогнеме на странските тур-оператори да воведат чартер летови кон Македонија, односно наместо автобуски, да се реализираат аранжмани со чартер авиони.-истакна Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.
ХОТАМ смета дека доколку се усвојат предложените измени бројот на странски туристи од идната година ќе бележи пораст од 10.000 гости. Се предвидува дека тоа го зголеми приходот на туристичките капацитети за 1,26 милиони евра, екстра потрошувачката би изнесувала дополнителни 2,8 милиони евра, а во државната каса по основ на ДДВ би се слеале 487 000 евра.
-Верувам дека со новите анализи и туристички производи дека ќе имаме поголем развој на туризмот.-истакна Крсте Блажески, менаџер на х. „Дрим“ и потпретседател на ХОТАМ.
Предлогот на ХОТАМ го подржа пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ која истакна дека сега е вистинско време владата да го разгледа ова барање и да го вклопи во проекцијата за буџетот за 2015 година. Според Поповска, исто така, потребно е да се размислува за нова стратегија за развој на туризмот, со оглед дека старата престана да важи во 2013 година.
-Треба да се изготви и нова стратегија за развој на туризмот во Охридско-струшкиот регион, како водечки во оваа област, кој треба да биде локомотива за останатите региони.-додаде Поповска.
Барањето ХОТАМ го испрати до Комитетот за туризам при Владата, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и Министерството за економија.
OhridNews