Пред повеќе од половина век, во градот под Самоиловата тврдина беше урнат еден од најстарите хотели во Охрид. За некого „Хотел Радич“, „Српски Краљ“ и „Санстефанска Бугарија“, објект кој низ бурните времиња на окупаторските сили успеал да го заддржи својот блесок по кој бил препознатлив уште од неговата изградба во далечната 1923-та година.

Свртилиште на многу гости, амбасадори, граѓани и жители на Охрид, кои своето парче леб го ваделе токму тука. Центар на многу игранки, митинзи, говори и различни настани од политичкиот и културниот живот на градот, сместен покрај самото крајбрежје кај денешниот плоштад.

Имаше место за јадење, за пиење, за игранки и забави. Тука се играше комар, а беше застапена политиката од сите бои. Митинзите се оддржуваа пред хотелот, кој имаше три ката и потпокрив. Од едната страна гледаше кон езерото, а од другата накај калето. Имаше и голема тераса, која беше десет на десет и собираше 200 души.“ – вели спортската легенда на Охрид, Александар Леко Радич, чиј татко бил сопственик на еден од првите хотели на охридската ривиера. Инаку презимето на Леко кој потекнува од семејството Радичевци необично македонскиот јазик за завршува на Ч.

Во хотелот „Радич“ кој заедно со „Турист“ и „Белви“ претставувале  единствени преноќувалишта во тоа време во охридскиот регион, свиреле не само познатите староградски тајфи како „Садиловци“, туку и австриецот Вистер со своето семејство.

Најгоре татко ми секое лето носеше музика од Виена. Главниот се викаше Вистер, по кого се напишани стиховите „Со кајчето од Вистера во Албанија се намерив“. Тој цело лето свиреше на терасата или внатре во ресторанот, кој можеше да собере 250 души. Toj свиреше на виолина, неговата жена на клавир, сестра му исто на клавир, а ќерка му на хармоника. Покрај нив, мојот татко ги викаше и „Садиловци“ кои беа прочуени по охридските староградски песни.“ – додава Леко Радич.

Уште во тоа време, ова место било надалеку прочуено по традиционалните охридски специјалитети, кои сопстевникот Радич ги приготвувал од риба и икра.

Татко ми знаеше многу специјалитети од риба и икра. Превкусно ги правеше, а особено знаеше да направи рибна чорба. Еднаш кога јапонскиот амбасадор дојде кај нас, го „товари“ со специјалитети од риба, бидејќи нему не му беше важно месото кое можел секаде да го проба. Беше воодушевен од она што мојот родител го подготви.“ – раскажува Леко Радич.

Во суштина, овој хотел претставувал сведок на голем број приказни низ виорот на војните, кои ретко се познати за пошироката јавност денес.

Во Охрид имаше Германци кои си заминуваа. Го викнаа татко ми и му рекоа да соберат 10 килограми злато, во спротивно ќе го запалат градот да не остане ништо од него. Охриѓани почнаа од куќа до куќа да собираат  златни прстени, обетки, пари и за едно 15-тина часа се собраа на едно место. Го ставија златото на кантар, а тој покажа 9 килограми и 700 грама. Германците рекоа дека мора да се дособерат тие 300 грама кои фалат. На еден му текна дека имаме крст во црквата. Го зедоа и него, а целото злато испадна точно 10 килограми. Но на германскиот командант му падна жал, нареди да се врати крстот и да се вратат по луѓето сите предмети. Наредниот ден кога Германците заминуваа од Охрид, целиот народ излезе да ги испрати и во знак на почит поради гестот, со мали германски знаменца мафтаа по толпата. Во секој случај интересна приказна за сегашниве луѓе, кои не ја знаат.“ – потенцира Радич.

По пат на национализација, хотелот е одземен од сопствениците кон крајот на 50-тите години од минатиот век, за нешто подоцна да биде урнат од локалните власти.

Тито не нареди хотелот да се урни, туку во тоа време сите вакви објекти се одземаа и се национализираа. Ама лошите луѓе од Охрид го урнаа кон крајот на 50-тите години. На тоа место кај што се наоѓаше хотелот, посадија муренка која постои и ден денес во централното градско подрачје кај плоштадот.“ – се присетува Леко Радич.


местото каде некогаш се наоѓал хотел „Радич“

Во животописните белешки на Благо Жура, запишани се интересни податоци за хотелот „Радич“, но и за песната „Охрид Охрид убав мил“.

Летото Вистер ти зел кајче от Славета Битрака, пот наем, демек да уживат во убајните ејзерски, поѓомти за рекреација, мислам ќе да беше кодош-шпиун германски. Еднушка Сотир Ѕингал, Борис од Мицета- от Карајлија и Илче от попа Анастаса ти го украле и право во Албанија. Шо праеле, како праеле, кај биле, шо „јале“, не знам, знам заде от ко се вратија почна да се пејт „Охрид Охрид убав мил…“. То беше триесепеттата, тога пофтур се отворија вишите класој во гимназијата охридска. Тратиф работејне, пак се записаф да учам.“ – стои во живописните белешки на Благо Жура, односно во книгата „Жура за Жура“.

О.Трајчески