Втори јануари е првата неработна недела утврдена со новиот Закон. Во недела ќе одмараат 92 отсто од работниците, а оние кои ќе бидат ангажирани во дејностите заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати ќе добијат најмалку 50% дневница за работа во недела. Слободен ден ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Новиот Закон наиде на низа негодувања од приватниот сектор, а од Стопанската комора на Македонија најавија дека ќе го оспорат Законот пред Уставен суд.

Овој Закон ќе биде само поголем товар за секторот, сметаат од Хотелската асоцијација на Македонија. Според претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески, ваква мерка би требало да се донесе во моменти кога економијата е здрава, а не кога во последните две години помалку од 5 проценти од хотелите работат со позитивни бројки.

Во недела ние немаме двојни цени на ништо, туку сабота и недела нас ни се деновите кога треба да ги опслужиме сите останати сектори кои имаат слободно време. Слободните денови за нас од секогаш биле во понеделник или во вторник. Со оглед на тоа дека Законот е веќе донесен, ние не можеме многу да влијаеме.  Ова ќе направи  поголем товар врз хотелиерите. Ако започнеме барем по малку со работа и се соочиме со исплаќање на такви дневници ќе имаме дополнителни проблеми. Ако се земе предвид дека во последниве две години речиси и нема хотел кој излегол со позитивни бројки, тоа значи дека реално е погоден тој сектор и му треба помош, вели Блажески. 

Тој додава дека  во минатиот период кога се потпишувале договори со странски тур-оператори никој од хотелиерите немал предвидено во своите пресметки дека недела ќе чини двојно. Како што додаде, ќе се придружат кон иницијативата на Стопанската комора која најави дека ќе го оспори Законот пред Уставен суд, иако сметаат дека процесот ќе трае долго време.

Дека законот е избрзано донесен сметаат и од Занаетчиската комора. Занаетчиите сметаат дека меѓу другите се едни од најзасегнатите со измената на Законот за работни односи.

Занаетчиите се самостојни вршители на дејност. Зошто некој да забрани да работиш кога сакаш? Во самиот Закон требаше да се одвојат дејности кои задолжително мора да им се дозволи да работат. Законот е донесен набрзина без да се размисли за последиците од него, затоа што во најголем дел се засегнати занаетчиите, има многу дејности во кои не може да има престанок на вршење на дејност, а во најголем дел тие дејности се занаетчиски, вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора Охрид.

Најавуваат дека ќе реагираат и дека веќе воспоставиле комуникација со Министерството за труд и социјална политика, од каде пак цврсто стојат позади Законот каков што е во моментов, а бил даден предлог после извесно време откако ќе почне да се применува да се согледаат недостатоците и, доколку ги има, да се извршат измени.

Од ССМ, како предлагачи на Законот се со јасен став дека конкретно недела треба да е ден за неделен одмор, со цел да се вратат семејните вредности како еден важен сегмент во брзиот и динамичен начин на живот. Законот, како што вели секретарот на Регионалното синдикално претставништво на ССМ во Охрид, Стевчо Маслов  е донесен по пат на социјален дијалог со Владата и работодавачите.

Во изминатиот период ССМ повеќе пати предлагаше недела да е ден за одмор, за да се направи баланс меѓу работата и семејството. Има повеќе дејности кои се опфатени во делот на дејности кои ќе можат да вршат работа во недела. На 21.12.2021г овој Закон веќе стапи на сила и е објавен во Службен весник. Тука се опфатени повеќе дејности со кои ќе се дозволи да се работи со зголемена дневница. Прекршоците ќе ги констатира трудовиот инспекторат,а доколку  при инспекциски надзор биде констатирано дека кај работодавачот се работи во недела, спротивно на членот 134 од овој Закон, со решение ќе му биде забрането на работодавачот да врши работа во работната просторија или во работниот простор каде што е утврдена неправилноста во траење од 15 дена и ќе му биде издаден платен налог. Ако работодавачот не го плати налогот, надлежниот инспектор ќе покрене барање за прекршочна постапка согласно Законот за прекршоци, вели Маслов. 

Ова решение е во интерес на граѓаните, недела треба да биде ден посветен на одмор, ден за поквалитетно време, за секој еден граѓанин на кој тоа му е потребно, односно ден за семејството и за себеси, заклучува Маслов.

К.А.