Подобрување на патната инфраструктура по крајбрежјето на Охридското езеро, убрзување на постапката за откуп на земјиштето во хотелските капацитети, воспоставување на бродската линија Охрид- Поградец, се дел од барањата на хотелиерите доставени до премиерот Никола Груевски.

Туристичките работници бараат и да се подобрат и допрецизираат условите под кои се дадени плажите под концесија, како и да се одобри закуп на оние кои ги стопанисуваат хотелите во период од 20- 30 години .

– Да се овозможи тие да функционираат како плажи од затворен тип и хотелот да може да избира дали и кои надворешни гости ќе можат да ги користат.  Дел од плажите на крајбрежјето се издаваа како плажи, а работат како кафетерии и ноќни клубови во текот на целата година, спротивно на законските прописи имаат изградено објекти од тврда градба, а сето тоа создава нелојална конкуренција, истакнуваат хотелиерите.

Тие, меѓудругото, од премиерот побарале и проектирање на жичарата на Галичица за изградба на скијачки центар со цел да се продолжи туристичката сезона во регионот, а ја потенцирале и потребата од меѓудржавни договори за миграција на редовно вработените во хотелите од регионите со нагласено сезонско работење, потребата од воведување на он-лине пријавување на гостите во МВР, како и помош во форма на информации во врска со проекти кои се поддржани од ЕУ, на кои подоцна ќе можат да аплицираат во врска со подобрување на енергетската ефикасност.

Барањата на премиерот му биле доставени на неодамна одржаната средба помеѓу туристичките работници и премиерот Груевски, на која присуствуваа и министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, министерот за економија Ваљон Сарачини и заменик министерот за економија Катерина Костеска.

Од ХОТАМ во врска со соработката со домашните агенции, потенцираат дека се подготвени за соработка со секого, што се докажало и преку потпишаните и успешно реализирани договори со странските туроператори.

– Минатата година Фибула ни донесе партнер, ние се договоривме и го реализиравме проектот во кој партнери беа ХОТАМ, Фибула и Корендон. Во слична ваква ситуација доколку и нашите агенции се појават со барање за организиран закуп, на секоја домашна агенција ние ќе понудиме исти поволни услови. Но, како што знаеме нашите агенции работат закуп на надворешните пазари како Грција и останати земји каде што продаваат аранжмани за македонски туристи, велат од ХОТАМ.

OhridNews