Хотелиерите и ресторатерите можат да се снабдат со свежа риба од Охридското Езеро, со исклучок на ендемскиот вид пастрмка која не се изловува, информира концесионерот „Пастрмка 2012“. Детали за ова правните лица можат да добијат во седиштето на компанијата во старите бараки на Гранит, посочуваат од „Пастрмка 2012“.

Оттаму објаснуваат дека пастрмката не се изловува за продажба и не се става во промет, бидејќи истата ја нема во доволни количини во езерото и мора да се заштити.

-Загрижени сме за рибниот фонд на охридската пастрмка, Природните плодишта каде таа се ловеше во годините пред добивање на концесијата се уништени, поради што сега таа не се изловува. – изјави Ристе Танасоски, од „Пастрмка 2012“.

Тој истакна дека најголем акцент се става на заштита на охридската пастрмка, со цел да се возобнови рибниот фонд, за што ѓе бидат потребни години.

Охридската пастрмка поради високата цена која што ја имаше во текот на изминатите години кога езерото немаше концесионер беше најмногу ловена како од албанската така и од македонска страна. За да порасне и достигне полова зрелост и должина која е дозволена за ловење, на охридската пастрмка и се потребни од 5 до 7 годинини, бидејќи таа е вид бавнорастечка риба. Потребно време да се возобнови рибниот фонд на пастрмката поради што тоа во моментов не се изловува.-додава Танасоски. 

Тој рече дека надеж оти можат да се променат состојбите дава вештачкиот мрест реализиран оваа година.

-Годинава собравме икра на ниво пред 10 години, што дава надеж дека со добра физичка заштита во наредните години може да се обнови рибниот фонд на пастрмка.-додава Танасоски.

Тој вели дека од преземањето на управувањето со рибниот фонд на Охридското Езеро од страна на концесионерот „Пастрмка 2012“ пред една година и воведените мерки на физичка заштита, рибократството е намалено за 90 проценти.

OhridNews