Министерството за економија додели награди и за најуспешните туристички агенции што донеле странски туристи во Македонија, како и за најуспешните туристички настани.
„Фибула Скопје“, „Адриатик Маврово“ и „Генерал турист Скопје“ се агенциите кои биле најуспешни во привлекување туристи, а награда за најуспешен туристички настани во 2011 добија авторите на кампањата „Истражи ја Македонија“ и на манифестациите „Св.Трифун“ во Демир Капија и „Денови на старата Скопска чаршија“.
Како што изјави министерот за економија, Ваљон Сараќини, со внимателни одлуки, голема посветеност и активно вклучување на сите чинители во туризмот Македонија веќе бележи раст на бројот на туристите и приходите. Министерот истакна дека активностите на министерството за економија и на Владата во изминатиот период, придонеле вкупниот број туристи да се зголеми за 9,1 проценти, при што бројот на странски туристи бележи пораст за 25 проценти. Девизниот прилив во државата е зголемен за 18, 5 проценти односно за 90 милиони долари.
Светскиот ден на туризмот се одбележува од 1980 година од страна на Светската туристичка организација при Обединетите нации со цел разивање на свеста на меѓународната заедница за важноста на туризмот и неговите општествени, политички и економски вредности.