Биењето на камбаните во храмовите на Македонската православна црква, точно на полноќ, ја најавија радосната вест за  воскресението Христово. И покрај променливото време и дождот, илјадници верници  ги посетија црквите и манастирите во Охрид, а најмасовно Велигден беше одбележан во Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник.

Со празничната богослужба чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј кој им ги честита  Велигденските празници на бројните верници меѓу кои имаше и познати лица од јавниот живот.


Претседателот на Собранието на Р.М.Трајко Велјаноски со сопругата

Заедно со верниците Велигден на Плаошник го дочека и претседателот на Собранието на Републока Македонија, Трајко Велјаноски.

-Сакам на сите граѓани на Република Македонија од православна вероисповед да им го честитам најголемиот христијански празник, да им посакам благосостојба, спокој и секако напредок на земјата, изјави Велјаноски.

Пред верниците беше прочитано Велигденското послание на Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, во кое тој повикува на мир, љубов и толеранција и на чување на верата како стожер на нацијата.

Заедно со охриѓани Велигден на Плаошник го дочекаа и голем број гости од земјава и соседството.