Од трибините во Охрид младинското фудбалско финале го проследи вториот стрелец на македонската репрезентација, Ѓорѓи Христов, кој присуствуваше во улога на координатор на младинската школа на ФК Металург.


Едно финале кое вреди да се гледа, поготово што сега сум активен во работата со млади категории. Има што да се види, доста играчи ги пратиме подолго време и не е прв пат да ги гледаме. Во секој случај како битолчанец навивав за Пелистер но Ренова беше многу подобар противник и сосема заслужено ја освои титулата – рече Христов.

Христов кој од неодамна е во скопски Металург очекува со текот на времето младите фудбалери во клубот да почнат да се наметнуваат за место во првиот тим.

Како што клубот расте од месец во месец така се развива и младинската школа. Спонзорот,  управата се свесни дека е потребно е да се посвети внимание на сопствен кадар, на производство на млади играчи и мене ми е мило  што во Македонија има некој што така размислува. Се надевам дека во иднина ќе направиме нов Пандев, па зошто да не и подобар од Пандев кој во моментов е најдобар наш играч. Треба многу трпение, работа, но плановите се долгорочни имаме добра екипа имаме одлични услови, а јас сум оптимист и се надевам дека  за неколку години Металруг ќе има од каде да црпи фудбалери – истакна Христов.

фото Емилио
М.П.