Вториот стрелец на вечната листа на стрелци во дресот со националниот грб , а сега актуелен тренер на Металург Ѓорѓи Христов ги смета за чиста утопија најавите на актуелниот селектор Џон Тошак оти Македонија може да се квалификува на следниот фудбалски Мундијал во Бразил.


Христов вели дека Тошак е голема фудбалска величина, но според она што го кажува повеќе наликува на политичар отколку на спортист.

–     Убаво е тоа што се ветува, но да се гарантира кога незнаеш ни каде доаѓаш, ни какви услови има е неразбирливо. Тошак е едно големо светско име и добро е што се нафати да ја води македонската фудбалска репрезентација, но тоа воопшто не ги решава нашите наталожени проблеми, во моменов па не Тошак, не Мурињо, нас без конкретна реформа нема да не помрдне никој од таму каде што сме – вели Христов.


Поранешната “деветка“ смета дека потребни се вложувања и инвестирање  во млади категории, но и во спортската инфраструктура, која во моментов е повеќе од загрижувачка.


–    Па ние во моментов имаме само еден терен во Македонија кој е оспособен за играње на натпревари , Тошак нека дојде и нека ги види условите и нека дава такви изјави. Потребно е многу подетално да се се фати работата, поготово со тие млади категории, потоа едукација на млади тренери , но она што го чувстувам е дека на многу луѓе не им е драго тоа што доаѓа една млада генерација тренери – истакна Христов.


М.П.