Колибрите забележаа значајна победа во дерби средбата против Илинден со 65-59. Победникот беше неизвесен до крајот од мечот, каде решаваа нијанси. Малкубројната публика во салата “Атина Бојаџи“ треба и мора да биде задоволна од престава на “белите“.


– Сакам да им се заблагодарам на сите кои дојдоа да не бодрат на мечот со Илинден. Многу ми е драго што со триумф им возвративме. Очекувавме ваков исцрпувачки меч. Ние повеќе ја посакувавме победата, се боревме до крајот и успеавме да ја оствариме. Среќата беше на наша страна. Во оние клучни напади кога се “кршеше“ резултатот бевме поскоцентрирани и го одлучивме победникот – истакна херојот на мечот, Иво Христовски.

Тренерот на Колибрите, Весна Балазоска мечот со четврто пласираната екипа Илинден го оцени како клуч за освојувањето на третата позиција.

Влогот беше преголем, затоа во трите четвртина се играше неефикасна кошарка. Во последниот квартал, каде нема што да се загуби се отворивме, но ја сменивме играта во одбрана и напад. Нивниот најдобар кошаркар го затвори Стисниковски додека слобода во нападот доби Христовски. Сега ни преостануваат два лесни меча, кои треба да ги добиеме без разлика на слабите противници – потенцираше Балазоска.

Во рамките од 21-та рунда охридските кошаркари на домашен терен го пречекуваат Про-Баскет.

Мх.П.