Претставници на две реномирани компании од Хрватска кои што се занимаваат со изградба на марини вчера беа во посета на општина Охрид и на Капетанијата на пристаништата. Станува збор за реномирани компании во чие резиме стои изградбата на неколку марини во Хрватска, во Јадранското Море.
-По презентирањето на начините и можностите за финансирање на градската марина, хрватските гости заедно со градоначалникот Никола Бакрачески и со претставници од Капетанијата се упатија кон разгледување на просторните можностите што ги нуди Охридското Езеро. Обиколката се одвиваше околу оние локации што се зацртани како можни за таа намена, односно Малото пристаниште и потегот од каналот „Студенчишта“ до хотелот „Парк“ кој е предвиден за изградба на градската марина, информираат од општина Охрид.
Оттаму појаснуваат дека гостите од Хрватска заедно со експертите од таа област, направиле и обиколка со брод околу овие локации. Исто така хрватите биле информирани и за можноста за инвестирање во реконструкција и изградба на Малото пристаниште, односно биле запознаени со распишаниот оглас за реконструкција и изградба на Малото пристаниште.
Инаку градоначалникот Бакрaчески потенцирал дека во наредниов период претстои сериозен процес на подготовка на идејно решение за изградба на Градската марина кое ќе биде изработено во консултација на експерти од оваа област по што ќе може да се пристапи кон реализација на оваа идеја и заложба.
OhridNews