Младите охриѓани повторно ја покажаа својата хуманост. Во кафе „Зона“ на Сараиште, денеска се одржа хуманитарен базар на рачни изработки од млади уметници од градот кои дејствуваат во рамки на „Лео Клуб“ од Охрид.

Ова е прв хуманитарен базар каде се продаваат изработки од млади артисти од Охрид. Триесет отсто од профитот од купен производ ќе оди во хуманитарни цели, односно средствата ќе бидат донирани на Здружение на лица со посебни потреби – Охрид. Во текот на летово ќе следат уште настани од ваков карактер, истакна Лео Спасески од „Лео“ клубот.

Инаку, „Лео“ клубот – Охрид, кој дејствува во рамки на Лајанс клубот Охрид, е дел од “LIONS Club International”, хуманитарна, невладина организација која преставува столб околу кој се организираат членовите како на локален, така и на глобален план.

Од „Лео“ клубот велат дека се активни во остварување на своите програмски цели кои ги насочуваат кон помош на слепи лица и лица со пречки во развојот.

К.А.
Фото: А. Момироска