Охрид повторно ќе ја покаже својата хуманост и солидарност. Во недела, на 21 јуни, во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се одржи хуманитарен турнир во мал фудбал под мотото „Со љубов и фудбал за Елена“, со цел да се соберат средства за лекување на младата охриѓанка Елена.

Турнирот ќе започне во 9 часот, а право на учество имаат екипи составени од играчи до 19 години. Ќе се игра по систем 5+1, со најмногу 10 играчи во составот на една екипа, додека натпреварите ќе траат по двапати по 10 минути.

Котизацијата за учество изнесува 1.000 денари по екипа, а пријавувањето е отворено до 19 јуни. Организаторите ги повикуваат младите спортисти, љубителите на фудбалот и сите хумани граѓани да се вклучат во акцијата и преку спортот да дадат придонес во борбата на Елена.

„Пријави екипа, играј со срце и навивај за Елена“ е пораката што ја испраќаат организаторите, очекувајќи голем одзив и уште еден пример дека кога се работи за хуманост, Охрид знае да биде обединет.

Заинтересираните екипи можат да се пријават на телефонските броеви 070 486 454 и 075 355 038.