Здружението “Хумано срце за сите” од Скопје, работи на остварување на правата на осигурениците од областа на здравственото, социјалното и пензиско- инвалидско осигурување, во чии рамки издвојува особено внимание на афирмирањето и решавање на проблемот на една група осигуреници кои не можат да го стварат своето право на лекување преку Фондот за здравствено осигурување, а кое поради специфичноста на заболувањето, треба да се изврши во странство.Пред се тука се опфатени деца на возраст до 15 години, болни од ретки и специфични болести. Овие болести не се во Програмата за ретки и специфични болести која македонската Влада ја објавува секоја година, но не ја ажурира со години.
– Наша цел е да ги воведеме ваквите зaболувања во системот и нивните трошоци во целост да влезат на терет на Фондот за здравство. Додека тоа институционално не се реши, се грижиме луѓето кои се соочуваат со ваквите заболувања да знаат дека не се сами и дека имаат целосна подршка од наша страна, вели претседателот на здружението, Кочо Мицковски.
– Од наша страна поднесени се бројни иницијативи, превземени се активности, акции, кампањи, со цел овие заболувања да станат дел од владината Програма за ретки и специфични болести. За некои дечиња успеавме да придонесеме да се направи чекор напред во однос на покривањето на трошоците од страна на Фондот за здравство, но има уште многу да се направи. Потребни се многу средства, болеста не бира каде и кога се појавува, затоа треба упорност и хуманост за да се помогне, истакна на денешната прес конференција проект менаџерот, Кристина Темкова.
Силви и Влатко Плевнеш, кои се заштитно лице на здружението, велат дека секогаш со задоволство учествуваат на хуманитарните концерти.
– Години наназад учествуваме на голем број хуманитарни концерти и секогаш е задоволство да се помогне на оние на кои помошта имм е најпотребна. Најмалку што можеме е да помогнеме со тоа што ќе присуствуваме на концертот на 3- ти август и донираме 150 денари, што не е голем износ, но кога сме во голем број тоа значи многу, вели Силви Плевнеш.
Од страна на здружението “Хумано срце за сите”, отворени се и годишни линии за донација, на кои со едно јавување кај соодветниот оператор се донира 100 денари за децата заболени од ретки и специфични болести- ONE 075/ 143- 900 и VIP 077/ 143- 401.