Дарувањето крв е хуманост преку која можете да помогнете некому, чувство кое побудува задоволство и исполнетост, но и наметнува морална обврска да се продолжи со дарување, вели Иво Милески, кој денес го доби признанието за сто крводарувања во изминатата 2022 година од страна на ОО Црвен крст Охрид, а по повод одбележување на Денот на крводарителите и Денот на Црвен крст на РМ.

Овој хуман човек приказната за дарување ја започнал уште во гимназијалските денови како момче кое сакало да осознае што како е, за потоа секоја година истото да му прерасне во морална обврска.

Потоа секоја година во зависност од можностите дарував крв по три-четири пати. Оваа година стигнав и до бројката од сто. Чувството да се дарува крв е прекрасно, во овие тешки времиња кога кој колку може и на кој начин може треба да помогне, да даде придонес во општетсвото. Во ова невреме некогаш е доволно и да кажете некому „Добар ден“, некоја човечност да остане меѓу нас. Давам препорака на младите гледајќи ме мене како пример, ако можат да даруваат крв.  Кога ќе почувствуваат што значи да дадете нешто од себе за некого, ќе го осетат задоволството од тоа што го прават. Јас ќе дарувам крв се додека можам, вели Милески.

Признанија, благодарници и плаќети беа доделени, покрај на Милески и на крводарители кои во Охрид и Дебрца во 2022 година исполниле 5, 10, 25, 50 и 75 крводарувања, како и на фирми, институции, поединци кои придонеле во развојот и унапредувањето на крводарителството.

Можеме да се пофалиме дека минатата 2022 година беше доста успешна во рамките на крводарителството каде што со преку шестнаесет крводарителски акции собравме 1279 единици крв со што беа задоволени потребите на пациентите во здравствените установи во Охрид и Дебрца. Голем број крводарители беа дел од овие акции на кои им искажувам голема благодарност. Во ова тешко време изборот да се биде хуман е голем предизвик и благодарам на се поголемата армија на хумани луѓе и на крводарители. Нас не прави горди и бројот на околу 30% на луѓе кои првпат дарувале крв во 2022 година, а станува збор за помлади на возраст од 18 до 25 години. Тоа е иднината и тоа што навистина е поттик и за младите и за останатите да бидат дел од ова големо хумано семејство, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Додаде дека во 2023 година продолжуваат со организирање крводарителски акции, а прават напори и за во компаниите кои се на подрачјето на Охрид, а се побројни со вработени да имаат организирани крводарителски акции.

На ниво на држава, вели Точков, околу 55 илјади едници крв се доволни за задоволување на потребите, а Црвен крст собира за две илјади повеќе, што значи, додава сме на добар пат, потсетувајќи дека крводарителството е бесплатно, анонимно и доброволно.

Н.С.Ј.