Преполната сала на Центарот за култура ,, Григор Прличев” синоќа зрачеше со љубов, солидарност, ентузијазам и искрена желба да се остави нешто во наследство за следните генерации ученици во средното стручно училиште „Свети Кирил и Методиј”. Идејата да се направи нешто за прогресивната иднина на младите од Охрид беше остварена со културно- забавна програма иницирана од самите ученици на економското училиште.
Директорката на средното стручно училиште ,, Св. Кирил и Методиј”, Славица Костова со нескриени емоции и задоволство се заблагодари за покажаната хуманост да се помогне да се покријат трошоците за доопремување на ова училиште и да се остави нешто во трајно наследство за градот и иднината на земјава.
„Особено ме радува интересот да се излезе во пресрет за потребите на училиштето и што една обична идеја на средношколците прерасна во ваков хуминатарен хепенинг со богата програма.“-рече Костова.
Присутните претставници од локалната самоуправа, професори, родители, ученици и други посетители уживаа во настапот на културно уметничките друштва „Отекс” и „Зарина”, како и во изведбата на староградските песни ,, Жал за Деспина”, ,,Ако одам во Битола “ и ,, Лихнида кајче веслаше”.
Со познати евергрини и со нивниот музикален глас се претставија ученичките Диана Илоска, Марија Бежаноска, Натали Илијоска, Маја Ристеска и Мартина Целеска.
Настанот го заокружија охридските рокери, групата „Backdoor band“ банд кои го подигнаа адреналинот на публиката и се заблагодарија што професорите покажаа респект кон нивниот стил и страст за рокенролот.
Директорката Костова изјави дека и е особено драго што можеше да го проследи настапот на овој бенд чии изведби, како што ни откри ја навратиле на студентските денови и дека е задововолна што момците несебично веднаш ја прифатиле поканата да учествуваат во програмата на хуманитарниот настан.
Ивана Чичоска