-Среќен сум што ќе бидам дел од свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“, изјави оперската ѕвезда Дмитри Хворостовски. Тој утре вечер ќе настапи на Античкиот театар придружуван од оркестарот на Македонската опера и балет под диригентската палка на маестро Константит Орбелиан.
-Дојдете и уживајте во концертот утре, порача Хворостовски во изјавата за медиумите дадена вечерва непосредно пред генералната проба што се одржа на Античкиот театар.
Хворостовски, кој во Охрид допатува заедно со својот син Максим, утре вечер ќе изведе внимателно одбрани дела од Верди, Белини, Вагнер, Бизе, Глинка, Рубинштајн, Чајковски, Хачатурјан, Таљафери, Фалво&Фуско, Биксио…
Дмитриј Хворостовски – рускиот баритон со светска слава – ја започнува својата брилијантна меѓународна кариера по освојувањето на престижната награда BBC Cardiff Singer на Светскиот натпревар, демонстрирајќи ги исклучителните уметнички квалитети. Оттогаш редовните ангажмани на Хворостовски се одвиваат во водечките светски оперски куќи – Royal Opera House, Covent Garden, New York’s Metropolitan Opera, Paris Opera, Bayerische Staatsoper Munich, Salzburg Festival, La Scala Milan, Vienna State Opera и Chicago Lyric Opera – како и на реномираните фестивали. Има номинација за „Греми“ за оперски запис.
Хворостовски во разговор со градоначалникот Бакрачески (фото:Емилио)
Инаку, вечерва фестивалот „Охридско лето“ со свечен коктел во хотелот „Гарден“ го најави 53-то издание. На коктелот присуствуваше ѕвездата на фестивалот Хворостовски со неговиот син Максим и маестро Константит Орбелиан, градоначалникот Никола Бакрачески, како и бројни гости, спонзори и пријатели на фестивалот и медиуми.
фото: Емилио