Патот „R 504“ преку планината Галичица, кој според најавите на работната единица на „Македонија пат“ во Охрид по долгогодишна пауза ќе се одржува во зима, е во многу лоша состојба предупредуваат стручните лица, но и рекреативците кои своето слободно време најчесто го поминуваат на заштитената планина.
Тие посочуваат дека коловозот е речиси излижан, на места и оштетен, бројните опасни свиоци се необезбедени, а онаму каде што има еластична ограда таа е уништена. Недостига и сообраќајна сигнализација.
На опасностите предупредуваат и од Службата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст, според која патот „R 504“ не е безбеден во зима.
-Не е проблем чистењето туку одржување на патот по сите стандарди, бидејќи на таа надмораска висина патиштата многу често замрзнуваат и да нема снег, велат професионалните спасувачи.
Тие посочуваат дека благодарение на микроклимата патот до Корита во зима е прооден во најголем дел и дека со одржувањето ќе се подобри безбедноста уште повеќе. Тоа од друга страна ќе доведе до зголемување на сообраќајот на овој исклучително тесен патен правец, поради што граѓаните треба особено да се внимателни, укажуваат стручните лица.

Најавата за чистење на дел од регионалниот пат Трпејца – Отешево до излетничкото место Корита, ја поздрави јавната установа Национален парк „Галичица“. Оттаму сметаат дека тоа ќе придонесе за подобра контрола на заштитените подрачја од страна на ренџерската служба, но како и другите одговорни служби и стручните лица од Н.П. „Галичица“ укажуваат дека е неопходно пред да започне одржувањето да се подобри безбедноста на регионалниот пат.

Од почетокот на деведесетите години патниот правец „R 504“ Отешево-Трпејца преку Галичица е затворен за сообраќај од ноември до март, затоа што не се наоѓаше на листата на приоритетни патни празвци за одржување. Надлежните со години укажуваа дека овој патен правец во зима се користи многу малку и дека не постои економска оправданост за негово одржување во студените месеци, на што бурно реагираа охриѓани, но и градските власти. По повеќегодишен притисок на јавноста, „Македонија пат“ најави дека оваа зима ќе ја одржува делницата до популарното излетничко место Корита во должина од 9 километри, додека преостанатите 9 километри до Отешево и натаму ќе бидат затворени за сообраќај до 15 март следната година.












