Своето незадоволство од последните мерки на министерството за здравство, денес на пладне,  го изразија и дел од вработените во охридската Општа болница.

На учесниците на протестот им се обрати Селевска Невена, претседател на Синдикалната организација при ЈЗУ Општа болница- Охрид.

Како што таа истакна, денешниот протест го користат како граѓанско право да го искажат незадоволството од методот плаќање по учинок и намалувањето на основната плата, а при тоа бараат да дојде до покачување на платата на вработените во болницата.

Протестот го поддржуваат Самостојниот синдикат на Клиниките и самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, додека против ваквиот начин на изразување незадоволство е новоформираниот синдикат „Мајка Тереза“.

Претходно Основниот суд Скопје 2 во четвртокот одлучувајќи по тужба на Министерството за здравство, го забрани штрајкот на лекарите кој беше закажан за денеска. Незадоволните синдикати најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на судот, но и дека не се откажуваат од правото на штрајк, кој, како што најавија ќе се одржи кога ќе се исполнат законските услови, односно доколку надлежното министерство не ги прифати нивните барања, меѓу кои се и тие  за укинување на одлуката за вреднување на трудот по учинок и зголемување на платите.

OhridNews