Лидерите на опозициската коалиција „Сојуз за Србија“ (СЗС) во која учествуваат десет политички парии и движења, денеска со своите приврзаници ги блокираа сите влезови на зградата на Претседателството, барајќи заминување на актуелната власт, односно итна смена на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и претседателката на народното собрание и одржување на слободни избори на сите нивоа.

Демонстрантите ги блокираа сите влезови на зградата на Претседателството, а организаторите на протестите најавија дека нема да дозволат српскиот претседател да ја напушти зградата.

Како што пренесуваат српските медиуми, демонстрантите истакнале дека не им било дозволено да постават камион со цел во 12 часот во живо да го следат обраќањето на Вучиќ, кој од Претседателството и се обрати на српската јавност. Вучиќ, зборувајќи за вчерашниот упад во РТС, кажа дека Србија ќе ги победи, како што рече, хулиганите и фашистите, а во неколку наврати истакна и дека животот му е во опасност.

Лидерите на СЗС и организаторите на протестите „1 од 5 милиони“ ги повикаа насобраните граѓани да направат обрач околу зградата на Претседателство, со цел да имаат преглед од кој влез Вучиќ ќе се обиде да ја напушти зградата.

Бошко Обрадовиќ, лидерот на српското движење Двери, кое е дел од коалицијата СЗС, побара организаторите на протестите „1 од 5 милиони“ вечер да се појават во централниот Дневник на РТС и додаде дека граѓаните нема да се разотидат и ќе продолжат да ги блокираат сите влезови во Претседателството.

OhridNews

Макфакс