Продолжуваат акциите на надлежните за сузбивање на дрвокрадството во регионот.
По неодамнешното откривање на лица од струшко кои вршеле пустошење и кражба на дрва, денес, од СВР Охрид информираат дека поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “Кражба“, поднесена е кривична пријава и против две лица од охридското село Велгошти.
– На 14-ти овој месец, околу 17 часот и 30 минути, во атарот на селото Велгошти, пријавените се затекнати во нелегален транспорт на 1,2 метри просторни буково огревно дрво во сурова-свежа состојба. Танспортот го вршеле на локалниот пат со патничко возило-џип марка Нисан Патрол“ црна боја без регистарски ознаки, без претходно да обезбедат одобрение за сеча и транспорт, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Пријавените претходно извршиле нелегална сеча на дрвната маса со намера противправно да ја присвојат а потоа дрвата да ги продадат на договорени купувачи.
Во рамки на акцијата „ГОРА“ до овој момент во охридско, струшко, дебарско и кичевско запленети се околу 800 метри кубни огревно дрво, како и повеќе товарни и патнички возила, трактори и жива стока. Покрај физички лица, санкционирани се и неколку правни субјекти. Нелегално пресечените дрва се предадени на шумските стопанства, информираат од СВР Охрид.
OhridNews