Движењето „За подобра Македонија“ кое речиси два месеца организира протести низ градовите во земјава, меѓу кои и во Охрид, побара предвремени парламентарни избори во Република Македонија, на кои, како што истакнуваат од движењето, народот ќе ја отфрли во целост Тиранската платформа, направена во друга држава под патронат на премиер на друга држава.

„Од денес натаму ИЗБОРИ се основното барање на Граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“, на сите Македонци, Абанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци кои нè поддржуваат. Ова барање е логичен и рационален продолжеток на сите наши досегашни цели. И затоа велиме: НЕ ЗА ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА! ДА ЗА ИЗБОРИ ЗА ФИНАЛНА ПОБЕДА!

И сакаме да порачаме јасно и гласно: ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА НЕМА ДА ЈА ИМА! ИЗБОРИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИМА!“- истакнаа од движењето „За подобра Македонија“.

Од движењето „За подобра Македонија“ се убедени дека изборите се најдоброто можно решение за дефинитивен крај на политиката и институционална криза во Македонија.

„Нашата цел ќе биде остварена. За нејзино остварување имаме предвидено прецизни чекори кои ќе почнеме да ги соопштуваме од следната недела. Ние имаме предвидено и прецизни методи и активности со кои ќе стигнеме за реализација на оваа цел. Демократски методи, базирани на разум и мудрост, и базирани на сила, на силата на мудроста и силата на народот во македонските градови и села. Бараме и свикување на итна собраниска седница со единствена точка на дневен ред – прогласување и распишување на предвремени парламентрани избори во Република Македонија. Стратегијата не ја откриваме во целост, но стратегија имаме, исто како и оперативни и технички и тактички можности за таа стратегија да ја оствариме без разлика на противникот во земјата и надвор од земјата.“ – рекоа од движењето „За подобра Македонија“.

За одржување предвремени избори се залага и ВМРО ДПМНЕ, која исто така смета дека само на тој начин земјата ќе излезе од политичката криза.

OhridNews