Денеска кон повеќето дописи со протест поради изоставувањето на зборот„македонски“ во годишниот извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија, се придружи и Кошаркарската федерација на Македонија, којашто во писмото до еврокомесарот за проширување Штефан Филе изрази навреденост од негирањето на македонскиот идентитет.


„Сé уште се свежи спомените на штотуку завршеното Европско првенство во кошарка во Литванија, на тој собир на заедништво и спортско надмудрување кој ја обедини Европа и ги обедини сите нејзини граѓани. На тоа првенство, со сиот наш потенцијал и спортски дух и со целата енергија игравме за Република Македонија, за македонската кошарка и за македонските навивачи а попат ги освоивме симпатиите на сите неутрални и вистинските љубители на спортот“, се вели во дописот на КФМ.

Во него еврокомесартот Фуле се потсетува дека успехот на кошаркарите беше проследен од спортските коментатори од целиот свет кои истакнуваа дека „македонската репрезентација”, „Македонците”, „Македонија” прават извонреден успех, наведувајќи дека истата терминологија беше употребена и во написите и прилозите на најзначајните светски и европски весници и телевизии „кои соопштија за големиот дострел на македонската кошарка“.

„Затоа сме крајно навредени од последните постапки на Европската Комисија со кои се негира нашиот македонски идентитет. Тоа е навредливо потценување на нас, и на нашите македонски граѓани кои ни ја дадоа сета своја љубов и поддршка да постигнуваме успеси“, се нагласува во дописот на македонската кошаркарска федераци до еврокомесарот Филе.

„Ние добро знаеме кои сме и што сме, тоа се гледа на нашите дресови, тоа се покажа преку натпреварите и коментарите на светскиот печат, а најдобро се потврди во текот на целото првенство и осебно на свечениот дочек кога цела Македонија во еден глас пееше за успехот на Македонците. Тоа се факти кои се неспорни и кои ги прифаќа сиот слободен свет, и треба и Европската Унија која ја респектираме, исто така да ги прифати“, се вели натаму во дописот.

Обраќајќи се му се на еврокомесарот Фуле, челниците на македонската кошарка го потсетуваат дека спортот е базиран на фер-плеј кодекс „и нé учи на вредности и достоинство, и ние само сакаме да се почитуваат вредностите и достоинството. Тој спортски кодекс го прави спортот величествен и општо прифатлив за секоја човечка индивидуа низ целиот свет  но за жал и многу различен од политиката. А токму политиката најмногу би добила со почитувањето на спортскиот кодекс и фер-плејот со што би стекнала достоинство и поддршка во очите на секој еден граѓанин на Европа.“

„Искрено се надеваме дека ќе го смените вашиот однос, и од името на сите Македонски граѓани кои безрезервно не подржуваат бараме од Вас да не нарекувате онака како што се чувствуваме со целото свое срце и целата своја душа – Македонци, и никако поинаку“, се заклучува во денешниот допис на КФМ до Филе.

Ohridnews