Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот продолжуваат со меѓусебните обвинувања за настапот на Македонија на саемот за туризам во Утрехт, Холандија, кој официјално завршува денеска.

Претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески, кој на саемот во Утрехт пристигнал ден по отворањето, и понатаму твди дека македонскиот штанд немал општи промотивни материјали за Македонија. Тој додава дека штандот кој бил закупен од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го опслужувале сопствениците на приватна туристичка агенција од Пештани и нивни роднини и пријатели од Холандија, кои нуделе продажба на своите аранжмани.

– Од 12-ти јануари наваму на Македонскиот штанд нема промотивен материјал за Република Македонија и се поставува прашање зошто се трошат парите од даноците кои ги плаќаме, вели претседателот на ХОТАМ, Танески.

Наспроти ова од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот тврдат дека Македонија на сопствениот брендиран штанд на саемот во Утрехт имала исклучително успешна промоција и дека го привлекла вниманието како на туроператорите, така и на туристите.

OhridNews