И Нова демократија, партијата на Имер Селмани, денеска соопшти дека ја напушта работата на Парламентот, јавува „Макфакс“.

Како што соопшти лидерот на оваа партија, по неколкумесечните консултации со народот, со нивните членови, симпатизерите и партиските органи, Централниот совет на партијата денеска донел одлука за напуштање на работата на парламентот.

„Денес во Македонија, актуелната Влада го има претворено парламентот во нејзина алатка. Денес во Македонија нема политички дијалог и парламентарна демократија. Денес во Македонија се казнуваат, санкционираат и замолчуваат сите оние кои размислуваат различно од оваа Влада. Денес во Македонија, Владата посегнува кон затворање на секој медиум кој ја критикува нејзината катастрофална работа и политики, рушејќи ги на директен начин демократијата и слободата на медиумите. Денес во Македонија има тенденција за инсталирање на диктатура и тоталитаризам“ рече Селмани и додаде дека Нова демократија нема да биде дел од овие според нив, погубни чекори за сегашноста и иднината на нашите граѓани.

Во петокот СДСМ, заедно со НСДП, Нова алтернатива и Либералната партија соопштија дека ја напуштаат работата на Парламентот поради како што рекоа недемократскиот, авторитарниот и ненародниот режим во државава.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски вчера со соопштение ги повика координаторите на сите пратенички групи на координативна средба кај него, во понеделник. Тој порача дека бојкотот не е начин за решавање на проблемите. Либерално демократската партија вчера соопшти дека нема да го напушти Парламентот.

OhridNews
извор:„Макфакс“