-Планирано е да бидат изложени околу 40-на нови дела за кои мотивот го црпев од живот и од работните навики на човекот. Тоа се скулптури и слики со работни мотиви од секојдневниот живот, а изложбата ќе биде насловена ,,Кон среќата’’. За овој наслов се инспирирав од современото време, во кое човек не може да биде среќен доколку нема работа и дека само со работа и труд се стигнува до среќата, вели Дурчоски.
Тој објаснува дека иако железото самото по себе е безживотно, од него до сега успела да изработи и да ‘’оживее’’ голем број на рајски птици, рози, гроздобери, деца, животни, луѓе и историски ликови.
– За многумина железото претставува оружје, студенило, темнина, но за мене значи светлина, ми дава ведрина и сила да ги реализирам моите идеи и инспирации и да ги претворам во уметнички дела. Железото мора да се засака и да се почувствува неговата топлина, за потоа да се претвори во нешто убаво, вели Дурчоски.
Тој објаснува дека тешко е да се твори во оваа техника, но неговата желба била да покаже дека и од железото може да се роди уметност.
Неговото ателје има само 3 метри квадратни
– Секоја слика или скулптура има душа, своја приказна и своја тајна. Прво го смислувам името на сликата или на скулптурата, потоа самото име ме инспирира да го изработам делото. Пред да почнам да го работам замисленото дело, прво правам скица и план. Голема радост и очекување носи секоја идеја и едвај чекам да ја реализирам, вели тој.
Неговото ателје има околу 3 квадратни метри и е сместено во подрумот на станбената зграда во која живее. Работи со едноставен заварувачки апарат, брусилка и ножици за сечење ламарина, а материјалите за уметничките дела ги наоѓа во автомеханичарски и во електромеханичарски работилници.
– Овој вид уметност, на пример, во чешката литература се вика браварско-ковачка заварувачка уметност. Но, овде се’ уште нема слух за овој вид креација. Досега имам вложено околу 10.000 евра, но ништо немам повратено. Се’ што работам е од голема љубов. Луѓето ги ценат моите дела, многу им се допаѓаат, но ретко некој се одлучува да купи нешто, објаснува Дурчоски.
Од неговата последна изложба во Охрид
Тој како дете бил една од жртвите на граѓанската војна во Грција. Неговото животно патешествие почнало од родно место Црна Река кај Гуменџа, Егејска Македонија, кога како петгодишно дете заедно со мајка му бил протеран од родната земја. Најпрво биле во Војводина, а потоа биле префрлени во тогашна Чехословачка.
Во 1974 година се преселил во Македонија, во Дебар, од каде во 1998 година се преселил во Охрид. Паралелно со креациите од железо, Дурчоски пишува поезија, а досега има издадено три стихозбирки. Вели дека двете негови деца се занимаваат со работа која е поврзана со уметноста. Неговиот син, кој живее во Австрија, бил композитор, а неговата ќерка живее и работи како дизајнер во Србија.