Лино Червар и официјално го напушта кормилото на ракометната репрезентација на Македонија. Тој со писмо ја известил Ракометната федерација на Македонија, дека кариерата ќе ја продолжи во неговата родна земја, откако РФМ му постави рок до 11-ти март да се изјасни за својата иднина.
„… Дали тоа да биде со репрезентацијата на државата во која сум роден, во која основав семејно гнездо, во која се изградив, развивав и афирмирав како ракометен тренер и ги постигнав најголемите светски успеси и во која кога-тогаш морам да се вратам и вечно да останам или да се одредам за репрезентацијата на една мала, горда држава, мојата втора татковина, која ме дочека и прифати како свој тренер на кој му даде сѐ што може да се даде? Сепак, ја одбрав Хрватска, мојот роден крај, мојата земја…“, стои во дописот што Лино Червар го испратил до РФМ.
Со цел да се надмине оваа несакана ситуација настаната во екот на подготовките за квалификациски натпревари, Ракометната Федерација на Македонија информира дека во претстојниот период ќе ги мобилизира своите ресурси и во рамки на Федерацијата ќе формира тело за селекција на потенцијални кандидати за упразнетата селекторска позиција.
„Ракометната Федерација на Македонија ќе вложи максимални напори со цел да се задржи континуитетот на големи натпреварувања на машките ракометни сениори и во боите на националниот дрес заеднички да одиме во нови походи.“ – се вели во соопштението за јавност на РФМ.
OhridNews