Во рамки на проектот за изработка, поставување и ставање во функција на 20 унифицирани објекти наменети за продажба на сувенири, министерството за култура предвидува три од нив да се постават и во Охрид.

Како што информираат од министерството, предвидените локации за поставување во Охрид се градското пристаниште, на Плаошник и кај стариот чинар.


– Постапката за поставување на објектите е започната, се чека на добивање на одобрение од локалната самоуправа за поставување на урбаната опрема, по што тие ќе бидат поставени на предвидените локации, се надеваме дека тоа ќе се случи пред почетокот на туристичката сезона, велат од министерството за култура.

Четири куќички од проектот веќе се промовирани и поставени во Скопје. Содржат автентични и препознатливи сувенири – копии на археолошки наоди од Република Македонија, кои претставуваат сублимирани материјални симболи на Македонија, на македонската традиција, култура, уметност, наследство, природа .


Во првата група спаѓаат предмети кои се копии од археолошки предмети пронајдени на локалитетите во Република Македонија. Тие се соодветни на оригиналите и поседуваат сертификат, а ги изработува Музејот на Македонија. Оваа институција е задолжена и за континуирано снабдување на објектите со сувенири и тоа во зависност  од вкусовите и побарувачката на потрошувачите. Во втората група производи спаѓаат: фигури, магнети, сложувалки, приврзоци, украсни чинии, касички, кутии за колачи, маици, капчиња и др. кои имаат употребна и декоративна вредност.

Освен во Охрид и Скопје, вакви објекти е предвидено да бидат поставени и во Битола, Ресен, Берово, Дојран, Крушево и други, на граничните премини на влезот во државава и во националните паркови. Со објектите ќе стопанисуваат заводите и музеите од градовите на чија територија ќе бидат поставени.

OhridNews