Охрид се приклучува кон поддршката на “Манифестот на Македониумот”,  иницијативата за собирање потписи која ја покрена група македонски спортисти и уметници, а како реакција поради изоставувањето на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

Како и во останатите градови низ земјава, така и во Охрид, денес ќе биде отворен пункт во Центарот за култура “Григор Прличев”, каде граѓаните кои ја поддржуваат иницијативата можат да го дадат својот потпис. Пунктот ќе биде отворен до петок, секој ден во периодот од 10 до 15 часот.

Процесот на собирање потписи за подршка низ Македонија ќе трае до петок 18 ноември. Тогаш ќе бидат презентирани наредните чекори кои ќе бидат преземени, а во насока на запознавање на европските институции со ставот на граѓаните на Република Македонија.

Откако ќе се соберат одреден број потписи, Манифестот ќе биде доставен до Делегацијата на Европската унија во Скопје и лично до еврокомесарот Штефан Филе.

Во Манифестот се вели дека Македонците се шокирани од актот на бришење на придавката „македонски“ и оти Македонците се рамо до рамо, ако не во економијата, тогаш во уметноста, науката и спортот со европските народи.

OhridNews