Со цел да се воведе електронска евиденција за хируршки интервенции, во системот „Мој Термин“ започна да функционира нов начин на упатување за операција.
-При преглед кај хирург доколку е утврдена потреба од хируршка интервенција, се издава упат во кој се наведува типот на операција која треба да биде извршена, со што пациентот автоматски влегува во листа на чекање за таа интервенција. Во системот ќе се забележуваат податоци: датум на издавање на упатот, датум на утврдена потреба од хирушка интервенција, податоци за пациентот и податоци за типот на хирушка интервенција, информираа вчера од Министерството за здравство.
Оттаму објаснуваат дека доколку пациентот веќе се наоѓа на листа на чекање во одредена установа за одредена хирушка интервенција, за него не може да се издаде нов упат се додека не се избрише стариот, односно пациентот може да биде само на една листа на чекање за одредена хирушка интервенција.
-Процесот продолжува со дефинирање на терминот за операција. Според условите во секоја установа, се креира планот за оперативна програма, некаде за една недела однапред, некаде постои можност да се креира за еден месец, а можно е да се креира и за еден до два дена однапред. Принципот кој се применува во системот е „прв дојден-прв услужен“. За секое „прескокнување на ред“ лекарот задолжително пополнува образец во кој ја наведува причината и го потврдува со својот потпис и факсимил. Оваа причина се внесува и во електронскиот систем, појаснуваат од ресорното министерство.
За контрола на креирање и управување со листите на закажани интервенции ќе биде надлежен Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а инспекторите ќе имаат увид во електронските листи согласно нивните надлежности и на терен ќе вршат контрола на правилната примена на системот.
OhridNews