Се проширува опсегот за користење на пари од ИПАРД фондовите. Освен постоечките можности, за ИПАРД од догодина ќе аплицираат и општините за инфраструктурни зафати, а ќе се јакнат и административните капацитети на телото за управување со ИПАРД, пишува економскиот весник Капитал.

Во својот напис тој објаснува дека општините средства ќе може да ги искористат за изградба на инфраструктура во селата. Ова е новата мерка за која Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗР) се подготвува да се акредитира. Со тоа се проширува опсегот на субјекти кои можат да ги користат средствата од оваа програма.

Тони Димовски, директор на Платежната агенција, вели дека освен оваа мерка, се подготвува и за акредитација за користење техничка помош на телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство.
За успешно акредитирање за овие две нови мерки, Димовски вели дека е неопходно јакнење на административниот капацитет на институцијата и нови вработувања.

Додека траат подготовките, Агенцијата чека одобрување од Европската комисија за зголемување на лимитите за прифатливи инвестиции, со цел компаниите од овој сектор да аплицираат со големи проекти. Сега се одобруваат проекти во вредност од 400 илјади евра, а се бара финансирање проекти до 800 илјади евра. Агенцијата бара можност ИПАРД да финансира набавка на повеќе земјоделска механизација од онаа опфатена со сегашните критериуми.

OhridNews