И оваа Нова година најбројни во Охрид ќе бидат гостите од соседството. Нив сепак нема да ги има во очекуваниот број, а дел од новогодишните аранжмани се откажани. Повеќе откажувања имало од бугарските туроператори, но има и нови резервации.
– Дел од бугарските гости ги откажаа резервациите, па ни останува да се свртиме кон гостите од Србија и Албанија кои се најавија и се разбира кон домашните гости кои традиционално во голем број доаѓаат во Охрид за Нова година, ни изјави Слаѓана Столевска од х. „Милениум“, кој за претстојните празници е исполнет 95%. Солидно исполнети се повеќе хотелски капацитети во градот, што не е случај со поголемиот број хотели на ривиерата кои имаат малку резервации.
Причината за намалениот интерес за Охрид за новогодишните празници се гледа во светската економска криза и укинувањето на визниот режим за граѓаните од регионот, пред се за Србија, од каде доаѓаа најголемиот број гости. И покрај послабата најава цените на новогодишните аранжамни во Охрид не претрпеа значајни корекции.Тридневните аранжани во охридските хотели за Нова година се движат од 130 до 240 евра, а само дочек на Нова година чини од 20 до 65 евра.
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, е загрижен за песимистичките најави и смета дека туристичките работници се тие кои треба да преземат мерки за да не дојде до намалување на бројот на гости.
-Општината прави се што е во нејзина моќ, градот ќе биде украсен, ќе има и забава на плоштадот, но се знае што треба да направат туристичките работници, особено сега кога е воведен безвизен режим. Србите кои доаѓаат најмногу во Охрид сега ќе можат слободно да патуваат на пример во Словенија или Унгарија, каде им доаѓа да поминат поевтино отколку во Охрид. За да ги привлечеме гостите треба сите туристички работници да ги преиспитаат своите цени и на тој начин сметам дека Охрид повторно ќе биде полн за Нова година, рече Петрески. Тој најави поагресивна и поорганизирана рекламна политика на општината во регионот со цел да ги зачува позициите на Охрид на пазарот од каде доаѓаат најголемиот број туристи.












