Од Манастирот „Сите Свети“ и селото Лешани се жалат на недостиг од вода за пиење во летниот период и проблеми со водоснабдувањето кои се провлекуваат години наназад.

Како што велат од манастирот, во летниот период, неколку години по ред, се вршат рестрикции во водоснабдувањето за кои жителите не се навремено информирани.

  • Веќе неколку денови и манастирот и народот се оставени без вода на овие високи температури. Незамисливо е во 21 век, земја како нашата, која е индустриски и културно развиена, да се соочуваме со проблем на немање вода за основен живот, велат жителите на Лешани. Разочарани се од односот на надлежните, како што велат, затоа што немаат разбирање ниту волја за решавање на проблемот.

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески објаснува дека една од основните причини поради кои настанува проблемот во летниот период е што водата за пиење се користи и за наводнување на обработливите површини.

  • Освен што водата за пиење неадекватно се користи, дополнителен проблем е што намален е капацитетот на изворот во Караорман од кој се користи водата, затоа што е сушен период, вели Ногачески.

Додава дека жителите на Лешани немаат вода само во одредени периоди од денот, а за рестрикциите жителите навреме се информираат од страна на надлежните.

OhridNews