Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2010 година, бројот на паркиралишта и гаражи, како објекти за паркирање, изнесува 73, односно вкупно 8. 508 места за паркирање на отворен простор и 526 места за паркирање во покриените гаражи.


До овие податоци заводот дошол со истражувањето направено во три града во земјава- Охрид, Струмица и Скопје. Тоа значи дека во трите, едни од најголемите градови во земјава, според бројот на жители и возила, се располага само со околу 9. 000 паркинг места од јавен карактер што само го потврдува фактот дека сообраќајниот хаос и недостатокот од паркинг места е проблем со кој се соочуваат речиси сите градови во земјава.


Во Охрид, во централното градско подрачје се евидентирани 1. 560 паркинг места и уште толку вон централното градско подрачје. Ако се земе во предвид дека само во Охрид се регистрирани над 20. 000 возила, чиј број значително се зголемува во летниот период, поради доаѓањето на неколку илјади гости, очигледно е дека градот не располага ниту со минимален број паркинг места неопходни да се задоволат потребите. 

Единственото решение кое се најавува веќе неколку години од страна на локалната власт е изградбата на катните гаражи во централното градско подрачје. Додека тие не се изградат, охриѓани и гостите ќе треба да се снаоѓаат кој како умее при барањето на паркинг. Тоа значи дека сообраќајниот хаос и нервозата кај возачите ќе биде неизоставен дел и од  оваа туристичка сезона.

OhridNews