На пет дена пред истекување на рокот за замена на старите лични документи со нови биометриски, просториите во СВР- Охрид каде се вадат овие документи се преполни со граѓани кои сеуште не ја завршиле оваа законска обврска и кои решиле тоа да го направат во последните денови од истекувањето на рокот.

Како што информираат од СВР- Охрид и покрај големиот број поднесени барања, нема застои ниту било какви проблеми при реализирање на процедурата за издавање на документите. Оттаму нагласуваат дека и на 25- ти февруари , сабота, управните служби , како и во текот на изминатите неколку саботи, ќе работаат од 9 до 14 часот, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните.

Во месец јануари во Охрид биле поднесени 3662, а додека пак во текот на февруари 3316 барања од граѓаните за замена на старите лични документи со нови биометриски.

За граѓаните кои нема да извадат нови биометриски лични карти, нема да има дополнителни санкции. Старите лични карти ќе бидат неважечки и нема да бидат  соодветни во платниот промет и при извршување на секојдневните обврски во институциите на системот.

OhridNews