Како што потенцира режисерот, во претставата се зборува за барањето на вистинските човечки особини и вредности, вечната тема љубовта, за смислата на љубовта и бракот, робувањето на моралните вредности кои сами ги поставуваме и често стануваат бариери во секојдневниот живот.
„Малограѓанска свадба“ е претстава интересна и специфична според начинот на игра, но и следењето од страна на публиката.
– Сметам дека ќе биде мошне интересно за пубиката да биде дел од претставата на еден специфичен начин. 24 гледачи ќе бидат гости заедно со актерите на маса, заедно ќе се радуваат и тагуваат со актерите, заедно ќе бидат послужени. Ова е едно доближување на театарот до публиката, вели Пројкоски.
Тој со пофални зборови за соработката со охридските актери.
– Работејќи на овој проект се уверив дека Охрид може да се радува на оваа високопрофесионална институција. Во изминатите два месеци имав можност да работам со прекрасна актерска екипа која е посветена на она што го работи.
Охридскиот театар полека, но сигурно зазема значајно место на тетарската мапа на Македонија и се движи по вистинскиот пат, истакна режисерот Пројкоски.
Меѓу актерите во претставата се и гостите од битолскиот Народен театар, доајенот на македонскиот театар Петар Мирчески и актерката Јулијана Стефанова.
– Ваков ентузијазам кој владее во охридскиот театар е навистина ендемичен вид и драго ми е што сум дел од екипата. „Малограѓанска свадба“ е специфична претстава , со еден интересен режисерски, актерски и музички пристап и сигурен сум дека ќе има долг век, изјави актерот Мирчески.
Музиката во претставата е на Горан Трајкоски, за кого на денешната прес- конференција беше потенцирано дека работејќи на „Малограѓанска свадба“ покажал дека совшено го разбира брехтовскиот израз од една страна и при тоа помогнал да се создаде претстава која и според музичкиот израз е специфична.
Како што информира раководителот на охридскиот театар, Горан Стојаноски, претставата, со оглед на малиот број гледачи кои може да ја следат, премиерно ќе се прикажува до 14 октомври, а потоа ќе биде дел од редовниот репертоар на театарот.