Краткиот филм во режија на охриѓанецот Антонио Вељаноски „И(С)ЗГУБЕНИ“, ќе биде прикажан на престижниот филмски фестивал во Сапоро-Јапонија, каде што е избран во oфицијалната интернационална конкуренција.

„И(С)ЗГУБЕНИ“ е филм за осаменоста, надежта и љубовта. Кога осамениот пензиониран лингвист Рудолф (77), оди во пошта, по пат е следен од едно куче од кое не може да се ослободи. Ова ќе доведе до целосна и неочекувана промена во неговиот живот.

Главните улоги ги толкуваат Јан Качер и Марие Дурнова, ко-сценарист на филмот е Алице Крајчирова, директор на фотографија е Владимир Димоски, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а продуценти на филмот се Елена Станишева и Зоран Вељаноски – Летра.

Ова е осми интернационален фестивал на кој ќе се прикажува филмот „И(с)згубени“, по проекциите на Фастнет фестивалот во Скал-Ирска и Лифт-ОФФ во Лондон-Англија. Учествуваше и на македонските фестивали во Скопје (Скопје Филм Фестивал), Струга (Дрим Шорт), Охрид (Бич Филм Фестивал), Тетово (Тетово Интернатионал Фестивал ОДА) и Манаки Битола.

Филмот е финансиран од страна на Агенција за филм на Македонија.

OhridNews