Македонија по вчерашната ждребка за квалификациите за ЕП во ракомет 2012 во Србија се најде во првата група заедно со Унгариј, БиХ и победникот од квалификациската прва група, во која главен фаворит е репрезентацијата на Естонија. И селекторот Савески и капитенот Лазаров фаворитската улога ја препуштаат на селекцијата на Унгарија.


Селекторот Љубомир Савевски е оптимист и задоволен од ждрепката, но потенцира дека овојпат нема да се повторат слабостите.

– Имавме среќа при ждрепката. Првата група во која сме ние и четвртата се по моја мерка. Без разлика во која ќе припадневме мислам дека имаме шанси да одиме на ЕП во Србија. Главен фаворит за првото место е Унгарија, но мислам дека можеме да ја совладаме дома. БиХ исто така е сериозен противник и потајно ја мерка втората позиција во групата, но мислам дека сме подобри од неа. Овој пат мораме да бидеме многу посериозни и во подготовките и во приодот кон натпреварите, а не како претходно, кога се лизнавме во квалификациите во Турција, рече Савевски.


Капитенот Кире Лазаров вели:

– Противниците ни се познати, но сите треба да ги сфатиме сериозно. Унгарија е прв фаворит, но морам да кажам дека Унгарците го подмладија составот и зошто да не ги изненадиме. БиХ ни е стар познаник, а ако дојде во групата Естонија ќе имаме голем мотив да им вратиме, нагласува нашиот прв играч.

Ohridnews