Македонски , но и странски правни лица ќе може да ја добијат Концесијата за стопански риболов на Охридското Езеро и легално да изловуваат пастрмка и белвица. Според  деталите од јавниот конкурс, кој Министерството за Земјоделство, шумарство и водостопанство го објави вчера, концесијата се нуди  за период од шест години, а висината на надоместокот за стопанисување ќе изнесува над 200 илјади евра или точно  12.362.500 денари.

Право на учество на конкурсот имаат правни лица кои се регистрирани за дејност рибарство, имаат вработено најмалку едно лице со високо образование од областа на природните науки кои се поврзани со  рибарство или имаат склучен договор за соработка со научна или образовна установа од областа на рибарството. Апликантите треба да располагаат и со минимум опрема која е потребна за вршење риболов и којa е утврдена во Риболовната основа за Охридското Езеро.

Рокот за доставување на понудите е 52 дена од денот на објавување на конкурсот, вклучувајќи го и денот на објавување на истиот.

Изминатите седум години  Охридското Езеро  немаше стопански концесионер, а ендемските видови пастрмка и белвица беа целосно забранети за излов. Според најавите на хидробиолозите, кои ја изготвија Риболовната основа за езерото, за почеток,  дозволената квота на излов на овие риби  ќе биде 5000 килограми на годишно ниво. Тие објаснуваат дека доколку во наредните 6 години се покаже дека популацијата на риба е заздравена и повратена, квотите може да претрпат и измени.

Освен за Охридското, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на јавен конкурс бара стопански концесионер и за Преспанското и Дојранското Езеро како и за вештачкото езеро Шпилје.

OhridNews