Охридските туристички водичи ќе ги спуштат цените на услугите за верскиот празник Богојавление – Водици за половина, информираат од Здружението на туристички водичи на Македонија.

Според официјалниот ценовник, полудневен разглед на стариот дел на Охрид чини 50 евра, а за Водици истата услуга ќе се наплатува по 25 евра по група.

Претходно цените ги намалија хотелиерите кои понудија аранжмани за Водици по симболична цена од 10 евра за ноќевање со доручек, а бројни попусти најавија и охридските угостители.

На овој начин охридската туристичка заедница сака да придонесе за омасовување на прославата на празникот Богојавление-Водици, која од година во година привлекува се поголем број гости, како од земјава, така и од надвор.

Г.М.