„И во ЕУ ќе можам да правам ајвар“ е првата уметничка инсталација од кампањата на Види Вака за приближување на пристапниот процес во ЕУ до граѓаните, која минатата недела беше поставена во Куманово, Охрид и Струмица. Заедно со уметничка инсталација имаше и информативен штанд, со цел разбивање на митот дека во ЕУ нема да може да се прави домашен ајвар, зимница, сирење и ракија.

Вистината за овој мит е дека во ЕУ може, за сопствени потреби, да се прави ајвар, зимница, сирење и ракија по традиционален рецепт, но, доколку некој сака да го продава својот производ на пазар, треба да биде регистриран како производител на прехранбени производи. Во политиките на ЕУ е финансиски да ги поддржува своите земјоделци, да ги охрабрува одржливите и еколошки практики, да инвестира во развојот на руралните области, развојот на земјоделството, земјоделско-прехранбените индустрии и придружни сектори.

Кампањата се одвива преку уметнички инсталации, со кои на публиката ќе и се доближат одредени теми поврзани со ЕУ, а во рамките на кои ќе бидат претставени позитивните страни и можностите кои ЕУ ги нуди. Покрај тоа, овие активности ќе помогнат да се потенцира важноста и придобивките за граѓаните на ЕУ од европските програми и можности.

Уметничките инсталации се дел од проектот „Приближување на пристапниот процес во ЕУ до граѓаните: Едукативни видеа за ЕУ интеграции“ кој е поддржан од УСАИД, а го спроведува Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа во соработка со медиумскиот старт-ап проект „Види Вака“.

Освен инсталациите и промотивните материјали (информативни флаери со информации за темите), ќе се емитуваат и радио реклами и информативни видеа на Види Вака за процесот на приближување на Република Северна Македонија во ЕУ.

OhridNews