Ова се податоците од спроведената анализа на Младинскиот совет Охрид, во рамки на проектот “Власта одблиску” кој се реализира преку Младинскиот парламент.
Во вториот извештај на МСО кој се однесува на втората половина од минатата година, се наведува дека без ниту едно едно излагање, без поднесена иницијатива и без ниту едно поставено прашање до Градоначалникот, согласно официјалните записници се советниците: Александар Попоски и Александар Калачоски.
Во текот на анализираниот период, поднесени биле вкупно 2 иницијативи и тоа од страна на Советниците Јованка Дамоска Секулоска и Љубен Буџакоски, додека до Градоначалникот поставени биле и 32 прашања и тоа од советниците: Ѓорги Танески – 4 прашања, Љубен Буџакоски и Томислав Тунтев по 3, а по 2 прашања имаат поставено советниците: Љубица, Смилеска Мојсовска, Величе Маркоски, Климе Тренески, Ахмет Пател, Орхидеја Тасеска, Борис Стефаноски, Каролина Буџакоска, Кирил Пецаков, Дејан Пановски, Јованка Дамоска Секуловска и Јоне Станковски.
– Општа констатација, во вториот дел на анализите правени од официјалните записници е дека има подобрување на квалитетот на подготовката на записниците, што најверојатно се должи на воведувањето на аудио записи на седниците на Советот, што се воведе по објавувањето на нашиот прв извештај, а по барање на Советникот Борис Стефановски. Кога се споменува подобрување на квалитетот на записниците се мисли на поисцрпни информации во однос на излагањето на Советниците, но на жал од добиените записници, односно од начинот на кој се водени истите, и овој пат не можевме да направиме комплетни анализи, согласно поставените параметри, па така немаме податоци за тоа кој советник на колку седници присуствувал, односно отсуствувал, дали отсуството е оправадно или неоправдано, велат од МСО.
Од Младинскиот совет додаваат дека забележителни се речиси двојно повеќе излагања на Советниците во вториот дел од годината, при што покрај Координаторите на советничките групи, забележани се зголем број на излагања кај повеќе Советници кои во првото полугодие на 2011 година имале минимален број на излагања.
Од МСО напоменуваат дека презентираните податоци не претендираат првенствено да покажат кои се недостатоците во работата на советниците, туку спротивно, колку тие се успешни да одговорат на потребите на граѓаните, односно да ги поттикнеме во наредниот период да покажат подобри резултати.
Целта на проектот е да се даде придонес кон зголемено граѓанско учество во процесот на креирање политики и донесување одлуки на локално ниво и подобрување на отчетноста, отвореноста и транспарентноста на локалната самоуправа.