Од година во година се зголемува бројот на жени во Охридскиот регион кои страдаат од oстеопороза. Медицинските лица велат дека оваа модерна болест која зема се поголем замав и во светски рамки, не покажува никакви предупредувачки симптоми и затоа е многу тешко навремено да се открие.

-Остеопорозата е заболување на организмот при кое настануваат нарушувања на метаболизмот на скелетот. Се намалува густината и квалитетот на коските, што доведува до слабост на скелетот и зголемен ризик од скршеници, особено на пршлените, колковите и подлактиците, велат ортопедите, со кои поразговаравме на оваа тема.

Остеопорозата најмногу ги демне жените во трето доба и затоа истите мора да прават редовни контролни прегледи.

-За откривање и дијагностицирање на оваа болест, жените во менопауза треба задолжително да направат испитување на густината на коските. Одредувањето на коскената густина се прави со дензитометрија, која е пожелно да се направи еднаш на две години, велат ортопедите.

Според нив, како превенција од појавувањето на остопороза треба да се  внесуваат поголеми количества на витамин Д, да се одржува  нормална телесна тежина, да се практикува правилна исхрана и поголема физичка активност.

OhridNews