Со цел да ја збогати програмата и понудата за време на новогодишните и божиќните празници, општина Охрид и оваа зима ќе постави лизгалиште на мраз на охридскиот плоштад „Св.Климент Охридски“.
За таа цел денеска е објавен јавен оглас за издавање на јавна површина за поставување на лизгалиштето. Почетната цена на закупот на локацијата, која е со површина од 300 метри кавдратни е 75.000 денари месечно.
-Целта на поставување на лизгалиштето е создавање поголема културна и забавна понуда која би ги поттикнала домашните и странските гости да го посетат Охрид не само за време на Новогодишните празници туку и во периодот после нив односно до големиот христијански празник Богојавление-Водици. Истото вооедно има за цел да ги анимира и охриѓани да го посетат градскиот плоштад и да уживаат во забавата на мраз, како забава за сите генерации, пишува во објавениoт оглас.
Според планираното, договорот со најповолниот понудувач ќе биде склучен за времетраење од 30 дена.
-Поставувањето на лизгалиштето ќе отпочне по склучувањето на Договорот и добивање на одобрение од Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште. Закупецот има обврска по склучување на договорот да изготви идеен проект за поставување на лизгалиште и истиот да го достави до Секторот за урбанизам со цел добивање одобрение за негово поставување со кое поблиску ќе се утврдат условите, начинот и отстранувањето на лизгалиштето, пишува меѓудугото во Јавниот оглас.
Понудите за поставување на лизгалиштето ќе може да се достават најдоцна до 19-ти декември 2014 година до 14 часот, а јавното наддавање ќе се изврши на 22-ри декември 2014 година во 12 часот во просториите на општина Охрид. Договор ќе се склучи со понудувачот кој понудил највисока цена на јавното наддавање.
Инаку лизгалиште на мраз беше поставено на охридскиот плоштад и во текот на минатата зима и истото предивика голем интерес кај помладата популација во Охрид.
OhridNews