Непознати сторители ја испишале спомен-плочата на загинатите бугарски туристи во бродската несреќа, што се случи на 5 септември 2009 година во Охрид.

МНР попладнево информира дека споменикот е вратен во првобитната состојба и оти станува збор за изолиран случај, што не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните.

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува последното сквернавење на спомен-плочата „Солзата на Роза“ во Охрид, поставена во сеќавање на жртвите од бродската несреќа во 2009 година, кога 15 бугарски туристи загинаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро. Веднаш штом добивме информација за овој чин, од страна на надлежните државни власти беа преземени соодветни мерки и споменикот за кратко е вратен во првобитната состојба. За оваа информација благовремено, со нота, е известена и Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, наведува МНР во соопштението.

Државата продолжува со политики и активности во насока на унапредување на односите со сите наши соседи, за што постои поддршка од огромно мнозинство граѓани на земјава, истакнуваат од МНР.

Инцидентот го осуди и бугарското МНР.

OhridNews