На третиот состанок за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан што викендов се одржа во Тирана, Aлбанија, претседателот на македонската Влада Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателите на Црна Гора и Србија Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ, ја потврдија решителноста за инклузија на регионот, со цел подобра економска соработка, симнување на граничните бариери, слободно движење на луѓе и стока, со крајна цел да се забрза процесот на европска интеграција на секоја од земјите од Западен Балкан. Во тој контекст потврда за поддршка на иницијативцата дојде и од Црна Гора.

На состанокот во Тирана, лидерите на земјите од регионот го разгледаа напредокот на спроведување на четирите слободи во Западен Балкан утврдени на претходните два состанока во Охрид и Нови Сад.

Трагедијата предизвикана од земјотресот во Драч поттикна взаемната поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби да биде вклучена како уште еден столб во унапредувањето на соработката во регионот, и во таа насока во февруари во Белград, надлежните институции на секоја од земјите од Западен Балкан ќе го потпишат документот Протокол од Драч за соработка на дирекциите за заштита и спасување.

Со поттик од иницијативата за соработка во регионот, завршија преговорите меѓу Република Србија и Македонија и наскоро ќе започне изградбата на новиот граничен премин Лојане – Миратовац. Договорено е до следниот состанок на оваа иницијатива во Белград, царинските дирекции на Македонија и на Албанија да го потпишат договорот за „One Stop Shop“ за граничниот премин Ќафасан, каков што веќе имаме со Србија на граничниот премин Табановце.

Главната цел на овие One Stop Shop, односно гранични контроли со едно застанување наскоро да станата – Нон Стоп Шоп, односно премини без застанување, и како придонес за остварување на оваа постапка ќе биде и воведувањето на бесхартиен систем кој ќе ги поедностави царинските постапки, најави премиерот Заев.

За реализација на иницијативата која е силно поддржана од Европската унија, земјите од регионот од европските фондови ќе добијат 1,2 милијарди евра, најави албанскиот премиер Рама. Тој силно го критикуваше Косово, кое ја бојкотира иницијативата.

OhridNews
фото: влада.мк