На Конференцијата што се одржува под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, Европската академија на науки и уметности, Македонската академија на науки и уметности и Европскиот совет за мал бизнис и претприемништво, а во организација на Националниот центар за иновации и претриемачко учење, учествуваат над 300 експерти од Европска комисија, Светска банка, академици, регионални агенции, бизнисмени, како и педесетина универзитети меѓу кои Кембриџ, Оксфорд, Рим, Берлин, Виена, Вашингтон, Катар, Белград, Загреб, Љубљана, Грац, Солун, Софија и други.
-Стратегијата 2020 подразбира одржлив развој базиран на знаење и иновативност. Инвестициите во образованието и науката се дуплирани во целиот свет. Европа сеуште е водечка сила во областа на иновациите, но доколку Кина продолжи со вакво темпо на развој тоа нема да биде така уште долго.-истакна Џон Клакстон од Одделот за истражување и иновации при Европската комисија.
Пред учесниците на конференцијата се обрати претседателот Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека цел на државата е во следниот период да создаде поволни услови за развој на малите и средни претпријатија, кои се двигатели на економијата.
-Првиот чекор кон освојување на иднината се иновациите. Нашата цел е Македонија да стане земја на иноватори и иновации и да создадеме економски амбиент во кој малите и средни претпријатија ќе се натпреваруваат преку постојано создавање на нови идеи кои ќе се преточуват во производи и услуги, рече Иванов.
Македонија втор пат е домаќин на Меѓународнаата конференција за претприемништво, иновации и регионален развој, која се одржува од 2008 година. Следните конференции ќе се одржат во Бугарија во 2012 и БиХ во 2013 година.