Ракометниот клуб Пелистер се уште се нема трансформирано во Акционерско друштво, а го проби и последниот рок од Ракометна федерација на Македонија.


По поминување на „црвената“ линија иднината на „зелено белите“ не зависи само од нив туку и сите други клубови во Супер лигата кои треба да дадат согласност за нов рок.

– Уште пред петнаесетина дена беше испратено и последното известување до РК Пелистер околу трансформацијата во акционерско друштво, што е задолжителна за сите тимови во елитното друштво. Сите останати клубови освен Пелистер веќе го имаат финиширано овој процес, а битолчани го пробија и последниот рок што им беше даден. Сега на потег се клубовите, кои ќе треба да се изјаснат дали на Пелистер може да му биде даден нов рок, или пак веднаш да уследат санкциите кои се јасни. – рече генералниот секретар, Филип Милошески, а пренесува „Екипа.мк“.

Од клубот побараа уште малку време и информираат дека постапката за трансформација е почната.

– Целата постапка околу трансформацијата во клубот е во финален процес. Единствена објективна пречка зошто процесот се уште не е завршен е одлуката која се чека од Основниот Суд Скопје, која е поврзата со ликвидација на една од фирмите на еден од идните акционери, ГП Пелистер. Акционерскиот капитал на клубот ќе биде поделен на три акционери, ГП Пелистер, Цермат и Општина Битола. Клубот имаше три обиди да се трансформира, но секогаш се појавуваа одредени судски пречки кои го оневозможуваа непреченото трансформирање во АД. Во овој момент искрено се надеваме дека сите пречки сега се зад нас и дека клубот во наредниот период ќе ги добие своите нови сопственици. – стои во соопштениот од клубот.

Битолските ракометари се еден четирите противници на Охрид во преостаниот дел од Супер лигата.

Ohridnews