Проекциите за последиците од неповолните хидролошки појави и иднината на водените ресурси воопшто не се розеви доколку политичките приоритети во државите од Балканот не бидат заменети со конкретни проекти во областа на животната средина, укажуваат научните работници, кои во  Охрид учествуваат на 4-та Меѓународна научна конференција за климатските промени, хидрологијата и управувањето со интегрираните водени ресурси “BALWOIS 2010“.


Конференцијата ја организираат Балканскиот институт за вода и животна средина со седиште во Монпелје, Македонската метеоролошка асоцијација (МЕТЕО МАК), Гредежниот факултет во Скопје, Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, Хидробиолошкиот институт во Охрид, како и Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје.


На четиридневната конференција повеќе од 400 научници, хидроинженери, претставници на правни субјекти што стопанисуваат со водите, како и на институциите надлежни за прашања поврзани со водените ресурси од државите на Балканот но и пошироко, ќе разговараат за подобрувањето на соработката меѓу државите во областа на стопанисувањето со водите и имплементацијата на европските директиви за водите во државите од Балканот. Охридската конференција треба да ги утврди насоките  на развој и подобрување на квалитетот и квантитетот на водата и водните ресурси,  а неизбежна тема се и климатските промени за кои науката се уште нема единственом мислење на што се должат екстремните појави како што се големите поплави во Европа, силните невремиња и порастот на температурата.

OhridNews